Изјава за приватност при вршење на видео надзор
1. Вовед
Со оваа процедура се пропишува начинот на вршење на видео надзор во просториите на НЕКСИО Компјутери ДОО (во натамошниот текст: НЕКСИО) кој се јавува во својство на контролор, како и техничките и организациските мерки кои се применуваат за обезбедување тајност и заштита на личните податоци преку вршењето на видео надзорот, рокот на чување на видео записите, начинот на бришење како и начинот на правење на сигурносна копија и права и обврски на овластените лица кои имаат пристап до системот за вршење на видео надзор.
2. Опис на системот за вршење на видео надзор
Видео надзорот се врши преку камери поставени во и околу објектот на НЕКСИО во продажниот салон при што истите се насочени само кон критичните простори во објектот. Системот за видео надзор се состои од следната опрема: камери, монитор и видеорекордер. Снимките од камерите се пренесуваат до дигиталниот видеорекордер ДВР при што само овластеното лице од НЕКСИО Компјутери ДОО може да пристапува кон овие видео материјали. Снимките направени од видео надзорот се чуваат на хард дискот на DVR уред.
3. Цел за вршење на видео надзор
Видео надзорот се врши со цел да се обезбеди:
- заштита на сопственоста
- заштита по животот и здравјето на вработените поради природата на работата и
- обезбедување и контрола над влегувањето и излегувањето од просториите на НЕКСИО Компјутери ДОО.
4. Периодична оценка
НЕКСИО врши периодична оценка на постигнатите резултати од системот за вршење на видео надзор, а особено за:
- понатамошна потреба од користењето на на системот за вршење на видео надзор;
- целта, односно целите за вршење на видео надзор;
- можни технички решенија за замена на системот за вршење на видео надзор;
- статистички показатели за пристапот до снимките направени од видео надзорот и
- начинот на искористување на снимките.
За извршената периодична оценка НЕКСИО изработува извештај кој е составен дел на документацијата за воспоставување на системот на вршење на видео надзор.
5. Обработка на лични податоци
Преку системот за вршење на видео надзорот се обработуваат следните категории на лични податоци:
- физички и физиолошки изглед на странките кои влегуваат и излегуваат од простории на НЕКСИО и
- физички и физиолошки изглед на вработените во НЕКСИО
6. Технички мерки
НЕКСИО ги обезбедува следните технички мерки за тајност и заштита на обработката на личните податоци преку системот за вршење на видео надзор и тоа:
- единствено корисничко име за секое овластено лице;
- лозинка креирана од овластено лице, составен од комбинација на најмалку осум алфанумерички карактери (од кои минимум една голема буква) и специјални знаци
- корисничко име и лозинка која овозможува пристап на овластеното лице до системот за видео надзор во целина или до поединечни апликации;
- автоматизирано одјавување од системот за видео надзор после изминување на определен период на неактивност (не подолго од 10 минути) и за повторно активирање на системот потребно е одново внесување на корисничкото име и лозинката;
- автоматизирано отфрлање од системот за видео надзор после три неуспешни обиди за најавување (внесување на погрешно корисничко име или лозинка);
- софтверска заштитна мрежна бариера (фајервол) или рутер помеѓу системот за видео надзор и интернет или било која друга форма на надворешна мрежа, како заштитна мерка против недозволени или злонамерни обиди а влез или пробивање на системот,
- приклучување на системот за видео надзор на енергетска мрежа преку уред за непрекинато напојување.
7. Организациски мерки
НЕКСИО Компјутери ДОО ги обезбедува следните организациски мерки за тајност и заштита на обработката на личните податоци преку системот за видео надзорот и тоа:
- ограничен пристап или идентификација за пристап до системот за видео надзор, така што само овластени лица на НЕКСИО може да имаат пристап до системот за видео надзор;
- секое овластено лице има ограничен пристап до системот за видео надзорот во однос симнување и снимање на видео записите;
- уништување на видео записите по истекот на рокот за нивно чување и
- почитување на техничките упатства при инсталирање и користење на опрема за вршење на видео надзор.
Вработеното лице кое ги врши работите за човечки ресурси го известува администраторот на информацискиот систем за вработувањето или ангажирањето на секое овластено лице со право на пристап до системот за вршење на видео надзор, за да му биде доделено корисничко име и лозинка, како и за престанок на вработувањето или ангажирањето за да му бидат избришани корисничкото име и лозинката, односно заклучени за натамошен пристап. Известувањето се врши и при било кои други промени во работниот статус или статусот на ангажирањето на овластеното лице што има влијание врз нивото на дозволениот пристап до информацискиот систем.
8. Евидентирање на пристапот и увидот
За пристапот и увидот до личните податоци обработени преку системот за вршење на видео надзор НЕКСИО води евиденција, која ги содржи следните податоци:
- име и презиме на овластеното лице;
- датум и време на пристапување;
- цел за пристапување;
- датум и час на направената снимка до која се пристапува;
- датум и време, назив и седиште на корисникот на кого му е дадена снимката од видео надзорот;
- вид на медиум во кој е содржана снимката на видео надзорот.
9. Овластени лица за обработка на лични податоци преку видео надзор
Пристап и увид до личните податоци обработени преку системот за вршење на видео надзор имаат овластените лица за вршење на контрола на критичните простори во НЕКСИО и администраторот на информацискиот систем. Овластените лица пред нивното отпочнување со работа или пред пристапот до системот за вршење на видео надзор, своерачно потпишуваат Изјава за тајност и заштита на личните податоци преку системот за вршење на видео надзор НК-4/4-ЗП.
10. Рок на чување на снимките од видео надзорот
Снимките направени од видео надзорот се чуваат на хард дискот на персоналниот компјутер каде што пристап имаат само и администраторот на информацискиот систем и овластените лица за контрола на критичните простори во НЕКСИО Компјутери ДОО. Снимките направени при вршење на видео надзорот се чуваат најмногу до 30 дена при што истите по истекот на рокот автоматски се бришат од хард дискот на кој што се чуваат. Снимките од видео надзорот може да се чуваат и во подолг временски период, од периодот наведен во точка 2 на овој член ако е потребно согласно закон, но не подолго од исполнување на целите.
11. Известување за вршење на видео надзор
Во критичните простори во НЕКСИО на видливо и јасно место е истакнато известување дека се врши видео надзор кое содржи:
- дека се врши видео надзор;
- за името на контролорот кој го врши видео надзорот и
- за начинот на кој може да се добијат информации за тоа каде и колку време се чуваат снимките од системот на видео надзорот.
12. Супсидијарна примена
При обработката на личните податоци преку системот за вршење на видео надзор соодветно се применуваат и другите одредби од Правилникот за техничките и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци (Службен весник на Р.С. Македонија бр. 38/09 и 158/10, 294/21).